Работа на опозицијата е да критикува, но да ги оставиме службите да си ја работат работата, вели министерот за правда Игор Филков коментирајќи ги обвинувањата на опозициската СДСМ дека истрагата за пожарот во Кочани е селективна и оди во погрешна насока.
По денешната средба со неговиот црногорски колега Бојан Божовиќ, во одговор на новинарско прашање во врска со забелешките на СДСМ дека Обвинителството не ги опфатило полицајците во истрагата, кои биле присутни на настанот кобната ноќ, Филков кусо одговори дека работа на опозицијата е да критикува и порача дека „би требало да ги оставиме службите да ја завршат работата, а потоа да критикуваме“.
– Работа на опозицијата е да критикува и она што сакам да им го порачам е да ги оставиме службите да си ја работат работата и сите да го чекаме текот на истрагата каде ќе нè одведе, а потоа да критикуваме, рече Филков.
Портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз Богданка Кузеска, на прес-конференции повика на неселективна истрага и одговорност од сите, посочувајќи дека ниту еден полициски службеник од ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ не е опфатен во истрагата.
Кузеска наведе дека јасен е Законот за јавни собири дека на масовен настан со над 600 луѓе мора да има полициско присуство и безбедносен план, дури и ако не бил формално пријавен.