Фирма на градоначалникот на Струмица Јанков, добивала државна помош од Владата на ВМРО-ДПМНЕ

Јанков
Фото: Општина Струмица

Градоначалникот на Струмица Петар Јанков, во неговиот анкетен лист до Државната комисија за спречување корупција, ја пријавил фирмата „Икарус“, која добила неповратна државна помош од Владата во износ од над 20.000 евра. Оваа помош, наменета за инвестиции, била исплатена во две транши кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година.

Покрај интересот во „Икарус“, Петар Јанков пријавил имот кој вклучува неколку градежни парцели во Струмица, стекнати преку купопродажба и подарок. Исто така, тој поседува стан од 53 квадратни метри со гаража во Охрид, проценет на 85.000 евра, и остварува месечен приход од 2.000 евра од издавање деловен простор.

Петар Јанков, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, е избран за нов градоначалник на Општина Струмица на локалните избори одржани на 19 октомври 2025 година. Тој победи во првиот круг со 15.071 глас, наспроти Марјан Даскаловски од СДСМ. Оваа победа го означува крајот на дведецениското владеење на СДСМ во Струмица.

Роден во Струмица на 13 јануари 1976 година, Петар Јанков е дипломиран менаџер по царина и шпедиција. Работел во Царинската управа од 2007 до 2018 година како виш цариник, по што ја продолжил кариерата во приватниот сектор. Тој е потпретседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

Зачлени се на нашиот е-билтен