Фондот за иновации и технолошки развој денеска ги додели наградите од повикот „Натпревар за успешни иницијативи од Западен Балкан” на кој шест најуспешни иницијативи добија награда во вредност од 18.000 евра, како признание за напорите и успехот во создавање на вредности и нови можности за младите во Западен Балкан.
Покрај паричната награда, шесте наградени ќе бидат вклучени во петмесечна комуникациска кампања преку социјалните медиуми, со цел подигнување на јавната свест за улогата и важноста на младите во иновациските процеси. Наградите се дел од европскиот проект POLICY ANSWERS во кој Фондот ја доби главната улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан.
Главниот добитник на награда во вредност од 8.000 евра е иницијативата „Одржливо управување со електронски отпад – услуга за поправка и правилно отстранување на oтпад од електрична и електронска опрема во Источна Македонија”. Се работи за платформа која им овозможува на младите да се стекнат со знаења, вештини и практични исуства во сферата на циркуларна економија и поттикнување на еколошка одговорност.
Преку проектот се собрани 1500 кг отпад од електрична и електронска опрема, од кои 90% се дијагностицираат и селектираат, а 10% се враќаат во употреба. Кампањата за подигнување на јавната свест придонесе за зголемено учество од 50% во локалните акции за чистење и селекцијата на електронскиот отпад. Со обука за електронско поправање на различни електронски уреди беа обучени 6 млади луѓе, со што се отворија можности за вработување и пракса во зелени работни места.
„Овие награди претставуваат дел од пошироката визија на ФИТР за поддршка на младинскиот потенцијал и регионалната соработка. Денес ја славиме вашата храброст, труд и верба дека иновациите можат да направат вистинска разлика. На сите тимови и млади лидери кои беа дел од ова патување – ви благодарам за вашата страст. Сигурен сум дека вашите идеи ќе имаат значајно влијание во иднина” истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Никола Додов во своето обраќање кон финалистите на натпреварот.
Покрај главната награда, беа доделени уште пет награди од 2.000 евра на иницијативи кои демонстрираа влијателност и ангажман на младите во клучни општествени предизвици, и тоа: „Лансирање на кариера”; „Вовед во Индустрија 4.0 во Босна и Херцеговина преку знаење”; „ТвојаРабота II – Младите ја надминуваат невработеноста на регионално ниво преку можности за работа на Балканот”; „Награда за социјално влијание (SIA)” и „Фашиорејшн”.
Натпреварот се организираше во периодот од 18 Февруари до 18 април 2025 година, на кој пристигнаа вкупно 65 иницијативи од економиите на Западен Балкан. Во финална селекција беа одбрани 12 иницијативи кои ги презентираа своите проекти пред жири комисија, кои ја донесоа и финалната одлука за избор и селекција.