Од крајот на ноември, лекот „Клексан“ ќе биде достапен на рецепт во аптеките, а на позитивната листа ќе се најде и уште еден антикоагуланс – „Надропарин“.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, изјави дека ова претставува олеснување за пациентите, кои досега мораа да бараат рефундација преку шалтерите на ФЗОМ.
„До крајот на ноември овие два лека ќе бидат достапни во аптеките на рецепт. Пациентите нема да треба дополнително да бараат рефундација, а Фондот ќе има помал административен притисок. Ова е уште еден чекор кон префрлање на лекови од болничката на аптекарската листа“, изјави Клековски.
Партиципацијата што ќе ја плаќаат граѓаните допрва ќе биде утврдена во координација со дистрибутерите на лекови.
ФЗОМ најави и преиспитување на критериумите за здравствено осигурување, во соработка со УЈП и МВР, за да се утврдат можни злоупотреби. Фокусот ќе биде на лица кои работат во сива економија или живеат и остваруваат приходи во странство, а не се пријавени во земјава.
„Фондот поради тоа трпи загуби по основ на неплатени придонеси и поради повеќе исплатени капитации кон матичните лекари. Работната група е составена од претставници на Фондот, Министерството за здравство, Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, а по потреба се консултира и МВР,“ објасни Клековски.
Македонија има еден од најсеопфатните закони за здравствено осигурување во регионот, кој обезбедува универзален пристап за сите граѓани. Во системот на ФЗОМ во моментов се регистрирани 1.845.007 осигуреници.
