(ФОТО) Трактор сакал да исфрли фекалии до училиште и градинка во Св.Николе, го спречил совесен граѓанин

Фотографии од загрижен граѓанин денеска беа испратени до редакцијата на „Рацин“ на кои се гледа трактор со цистерна како се подготвува да истури фекалии на само педесет метри од дворот на средното училиште „Кочо Рацин“ ( објектот со жолта фасада) и на околу сто метри од детската градинка „Рахилка Гонева“ во Свети Николе.

Според тврдењата на изворот, станува збор за трактор во приватна сопственост, кој, како што наведува истиот извор, подолг период вршел истурање фекалии на таа локација — со наводно знаење и одобрение од Јавното комунално претпријатие „Единство“.

Инцидентот бил спречен од совесен граѓанин кој, во изјава за „Рацин“, раскажува дека директно интервенирал и го спречил возачот во намерата да ја испразни цистерната.

„Кога видов што прави, веднаш излегов од колата и му пријдов. Му реков, овде доаѓаат деца секој ден, што правиш? Ако не се тргнете, ќе повикам инспекција и полиција. Дури тогаш возачот на тракторот се откажа од намерата,“ вели граѓанинот, кој инсистираше да остане анонимен.

Обидот за истурање фекалии на јавно место во непосредна близина на две образовни установи отвора сериозни прашања за јавното здравје, безбедноста на учениците и стандардите според кои се постапува со отпадните води во општината, со оглед на тоа дека според кажувањата на граѓаните е честа појава.

Од општината пак за Рацин.мк мк велат дека со наредба на градоначалникот Дејан Владев, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и директорот на комуналното претпријатие сите феклаии треба да се исфрлаат во Пречистителната станица која се наоѓа во близина.

-Започната е полициска постапка за овој случај беше пријавено дека се случил ваков немил настан и има истрага кај засегантите органи. На тој дел, на само 20 метри се наоѓа Пречистителната станица, по истрагата ќе добиеме одговори, вели градоначалникот Владев за Рацин.мк.

Свети Николе е општина која во изминатиот период ја истакнуваше грижата за учениците и подобрување на јавната инфраструктура.

Зачлени се на нашиот е-билтен