Фотоволтаиците од домаќинствата може да го заменат РЕК Битола

Во интервју за порталот Рацин.мк, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, открива дека домашните фотоволтаични системи, доколку продолжат со ваков интензитет да се инсталираат, би можеле да ја заменат производната моќ на најголемиот енергетски капацитет во државата – РЕК Битола.

„За последниве три години во земјава се инсталирани фотоволтаици со капацитет од околу 1.000 мегавати. Тоа е количина што може да се спореди со она што РЕК Битола го испорачуваше како базен енергетски капацитет“, вели Бислимоски.

Тој нагласува дека фотоволтаиците, иако се обновлив и чист извор на енергија, носат и предизвици поради нивната непредвидливост – зависат од сонцето, кое не свети секогаш кога има најголема побарувачка. Затоа, новиот закон за енергетика, кој е во завршна фаза на подготовка, предвидува системски решенија, вклучително и поставување на батериски системи за складирање на енергија.

„Мора да се обезбедат услови за складирање, бидејќи фотоволтаиците произведуваат најмногу преку ден – токму кога цената на струјата е најниска, а потрошувачката е релативно мала. Батериите овозможуваат таа струја да се складира и потоа да се користи навечер, кога цената е повисока и потребата е поголема“, објаснува Бислимоски.

Тој дополнува дека во енергетската стратегија на земјава, приоритет е развојот на обновливи извори – пред сѐ сончева и ветерна енергија, но и големи хидроелектрани како проектот Чебрен. Сепак, потенцијалот што го покажуваат домаќинствата со поставување сопствени панели, според него, е можеби највпечатлив.

„Македонија беше лигнитна економија, со РЕК Битола како столб на енергетската независност. Но денес, со падот на квалитетот на лигнитот и трошоците за негово ископување, независноста сѐ повеќе ќе ја црпиме од сонцето – буквално. Домаќинствата што инвестираат во фотоволтаици, практично ја носат таа енергетска транзиција на своите покриви“, вели тој.

Според Бислимоски, Северна Македонија нема друг избор освен да се движи во насока на зелена и одржлива енергија. „Фотоволтаиците нема да бидат дополнување – тие ќе бидат основа“, вели тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен