„Власта и Министерството за надворешни работи направило срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за проф. Љубомир Фрчкоски и неговата функција Амбасадор при ООН во Њујорк – за да изврши притисок врз неговите јавни настапи кои се критички кон власта. После голема пауза на проценка дали професорот ќе молчи или ќе ја критикува власта за погубните политики, МНР сепак одлучило да изврши притисок со појава на комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на Амбасадата на НРМ во Њујорк со цел ширење страв и замолчување“, стои во реакцијата на Љубомир Фрчкоски, поранешен Амбасадор при ООН.
Во пријавата без срам и перде се наведува дека имало:
* пречекорување на сметките за мобилни (?)
* поправка на возило без дозвола на МНР (?)
* земање на аванс за службено патување (иако целиот аванс е вратен во буџетот, сепак МНР не било задоволено (?))
* вонредни авио билети по повод смртен случај во фамилија (исто така редовно вратени во буџетот), но МНР пак не било задоволно (?)
Според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци на МНР, Амбасадор е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и сите сторени „пречекорувања“ се сторени во рамките на неговите законски овластувања.
Но најголемо незнаење е манипулацијата со парите добиени од сукцесија (продажба на објектот на СФРЈ) во Њујорк, кои дојдоа на сметка на Мисијата. Имено, се вели дека наспроти инструкциите на МНР и Финансии не бил ВЕДНАШ уплатени во буџетот сиот износ, туку на неколку рати бил уплаќано (сиот износ сепак е уплатен без сомнеж). Тоа било нужно да биде така бидејќи финансиските служби на Њујорк инсистираат да останат средства од сукцесијата на сметката – како гаранција за наплатен данок.
Додека купувачот на објектот не го плати данокот (тој е задолжен за тоа) средства мора да има на сметките на сите републики од бивша СФРЈ во Њујорк – за да може во ситуација на проблем данокот сепак да биде наплатен од нивните сметки. Тоа е обврска и задолжение од финасиските власти и сите републики не ги вратиле парите во своите буџети туку задржале дел на своите сметки на мисиите во Њујорк. Така направила и Македонија. Кога данокот (по една година дена) е наплатен од купувачот тие средства се ослободени за сите републики и тие ги вратиле во своите буџети. Така направила и Македонија. Но МНР бидејќи нема поим за тоа го обвинува Амбасадорот – не постапил по инструкциите на МНР и Финансии да ги врати сите пари веднаш?! Тој и да сакал не можел. Но тоа е тоа, со законски непознавања останува само лоша намера за притисок по секоја цена“, стои во реакцијата на Фрчкоски.
Ваквиот негов став следува откако беше обелоденето дека поранешниот шеф на мисијата на Македонија при ОН во Њујорк, заедно со уште три лица е осомничен за злоупотреби во службата. Против него и против останатите, е поднесена кривична пријава, според која се сомничат дека сториле кривично дело по членот 353 од Кривичниот законик.
Според пријавата, Фрчкоски како службено лице од 20 април 2022 година до 6 октомври 2024 година, ја злоупотребил службата бидејќи постапил спротивно на инструкцијата од Министерството за надворешни работи од 25 април 2023 година и спротивно на мислењето од Министерството за финансии од 23 јули, 2023 година.
На сметката на постојаната мисија на Македонија во ОН биле уплатени 3.998.721 американски долари, од заедничка продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк. Од тие пари на сметката на Буџетот на Македонија потоа уплатил 3,94 милиони американски долари. Останатиот износ во висина од 58.721 американски долари, пак, останале на сметката на постојаната мисија на Македонија во ОН.