Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, професорот и поранешен министер Љубомир Фрчкоски жестоко ја критикуваше политиката на актуелната власт во однос на евроинтеграциите, Бугарија и идентитетските прашања. Тој оцени дека одбивањето да се спроведат уставните измени, како дел од обврските произлезени од Францускиот предлог, резултирало со сериозна дипломатска и идентитетска штета за државата.
Фрчкоски истакна дека токму тој предлог гарантирал две клучни работи во интерес на Македонија: признавање на чист македонски јазик без додатоци и потврда на македонскиот идентитет преку внесување на Бугарите како малцинство во Уставот.
„Тоа го доведоа во прашање. Тоа е антинационална политика. Ако тоа го испуштиме, ќе дојдеме под нивото на Францускиот предлог – и тоа се случи“, рече Фрчкоски, алудирајќи на последните случувања во Европскиот парламент.
Тој се осврна и на најавата за амандман во кој македонскиот јазик во европски документи ќе се третира како „модерен“, што според него е сериозен чекор назад во споредба со претходната позиција.
„Сега имате додаток на македонскиот јазик – ‘модерен’. Тоа е амандман. Предлогот ви нудеше сто процентна заштита. Вие не го прифативте, и сега доаѓа нешто полошо“, предупреди Фрчкоски.
Покрај тоа, тој го обвини актуелното раководство дека создава „симулакрум од политика“, односно илузии за реформи и напредок, додека државата реално назадува на сите полиња – од медиуми и НВО-сектор, до меѓуетнички односи и економска стабилност.
„Оваа политика не решава конфликти, ги продлабочува. Не нуди опции за развој, туку замајува со празни наративи“, заклучи Фрчкоски.