Фрчкоски: Власта покажа бездушен однос кон семејствата на жртвите во Кочани

Во најновото издание на видео шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, професорот и поранешен министер за внатрешни и надворешни работи, Љубомир Фрчкоски, остро се осврна на истрагата и политичката реакција по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што загинаа повеќе млади луѓе.

Фрчкоски оцени дека проширувањето на истрагата и поднесените обвиненија против припадници на МВР и приватната агенција за обезбедување се резултат на силен јавен притисок, а не на волја на институциите или политичка одговорност. Според него, првичниот пристап бил обид за минимизирање на одговорноста на одредени структури поврзани со власта.

„Јавноста заврши работа овде. Истрагата беше како ‘сарајлија пита’ – во круг, а во средината дупка. За главните што се одговорни – дупка, немаше обвинение. Тоа беше скандалозно. Власта се обиде до крај да го заштити својот круг“, изјави Фрчкоски.

Тој укажа и на политичката поврзаност на дел од инволвираните со „вмровските мрежи на лобисти и спонзори“, вклучително и агенцијата за обезбедување, која, според него, не можела да биде заобиколена без сериозно нарушување на правдата. Иако истрагата во меѓувреме се проширила, штетата – особено односот кон семејствата на жртвите – веќе била направена.

„Односот беше страдалнички и бездушен. Независно од реториката, семејствата беа оставени сами. Потоа беа и етикетирани како политички манипулирани, што е многу, многу лошо“, истакна Фрчкоски, предупредувајќи дека ваквиот однос ќе има политички последици за власта, и на локално и на национално ниво.

Зачлени се на нашиот е-билтен