„Еве да претпоставиме дека дискотеката имала легална лиценца, се било во ред со тоа. Повторно не смее да се запали ништо внатре во затворен простор, повторно можело да настане трагедија и при легална лиценца. Тука е одговорно само МВР. Лицата кои тоа не го направиле кривично се одговорни без дискусија и нив со лисици треба да ги носат во притвор“ вели професорот Љубомир Фрчковски во неговото интервју за ТВ24.
Тој додава дека полицијата морало да влезе и да забране употреба на пирохтеника, а претходно да даде дозвола за користење пиротехника.
„Притоа она што го рече министерот, крајно несмасно, дека тие средства ги донел некој од групата, е катастрофа од изјава. Независно што е трагедија таа изјава, независно од тоа кој ги донел материјалите, може да бидат купени пред клубот, може да бидат донесени таму од некого, од групата од кого сака. МВР е задолжено да го блокира тоа, да не даде дозвола и да контролира внатре дали има злоупотреба“ вели Фрчковски.
Тој додава дека постојат две нивоа на одговорност, едното е директна, за дозволувањето и палењето на пиротехника во дискотеката, а другото е спроедно. Професорот Фрчковски објаснува дека второто ниво на одговорност после ова е одговорност за негативни околности, кои го зголемиле ризикот за вакви несреќи.
„Тоа се давање на лиценци, проверка на лиценците, корупција ако имало. Намерно за да ја избегнат оваа вертикална одговорност фокусот на владината истрага е по оваа странична одговорност. Тоа се странични линии, хоризонатални линии. Несреќата се знае точно од шо е предизвикана и за тоа мора да има директна одговорност“ вели Фрчковски.
Тој додава дека ова е стратегија за бегство, која им дава бланш карта на владата да се развие познатата репресивна архива на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сега тие како што гледате почнаа да земаат лиценци, не само да проверуваат, почнаа градежни дозволи да проверуваат, затвораат објекти, влегуваат“ вели Фрчковски.