Директорот на Фонд за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, најави дека од 1 јануари ќе стапи во сила симболично зголемување на партиципацијата за здравствени услуги. Така, за услуга што досега чинела 40 денари, граѓаните ќе плаќаат 60 денари.
Клековски информира дека по повеќе од една деценија е донесена одлука за корекција на цените на основниот специјалистички пакет, како и на интернистичкиот пакет. Според новиот ценовник, специјалистичкиот преглед, кој досега изнесувал 380 денари, ќе чини 720 денари.
„Ова е децениска цена која конечно се ажурира. Нето-ефектот за здравствените установи ќе биде околу една милијарда денари годишно, 80 проценти во јавниот и 20 проценти во приватниот сектор, со оглед на тоа што специјалистичките услуги се обезбедуваат и во двата сегмента“, изјави Клековски. За интернистичкиот пакет, како што посочи, ефектот ќе изнесува дополнителни околу 340 милиони денари годишно.
На средба со новинарите, директорот на ФЗО најави и дека во 2026 година позитивната листа на лекови ќе биде проширена во три наврати, при што приоритет ќе имаат терапиите за кардиоваскуларни заболувања.
Покрај тоа, од следната година се планира построга контрола и казнена политика за матичните лекари во случаи на надминување на квотите за препишување антибиотици и анксиолитици. Во таа насока ќе се воведе системот Е-рецепт, кој треба да овозможи подобра контрола и да придонесе за намалување на неоправданата употреба на лекови.
„Е-рецептот ќе ги заштити и лекарите од притисоци да препишуваат готови терапии, бидејќи често такви барања доаѓаат и од самите осигуреници. Особено загрижува употребата на ‘сумамед’, кој треба да биде антибиотик од последна линија, а минатата година имавме раст од 23 проценти во неговото издавање“, нагласи Клековски.