ФЗО откри неправилности во 14 здравствени установи

Во вонредната контрола што ја спроведе Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во службите за Итна медицинска помош и Домашна посета ширум државата, утврдени се сериозни пропусти во работењето кај 14 јавни здравствени установи, од кои две се наоѓаат во Скопје. Проверени биле вкупно 37 установи, 29 надвор од главниот град и осум во Скопје, а кај 23 не биле регистрирани недостатоци.

Генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, информира дека кај седум установи недостасувале официјални одобренија за ценовниците што им ги наплатуваат на пациентите, при што користеле интерни, неовластени тарифи. Кај две здравствени установи е утврдено неправилно фактурирање кон Фондот, а други две наплатувале услуги кои не смееле да се наплаќаат.

Во една установа надвор од Скопје било забележано недостиг на ампули против болка, а лековите во Итната помош биле под минимално пропишаното ниво. Понатаму, во друга установа се констатирало дека нема доволен број тимови за да го извршува потребниот обем на услуги.

На сите здравствени установи им е даден рок од два месеци да ги коригираат утврдените пропусти, по што ќе следува повторна контрола. Клековски дополнително посочи дека Домашната посета во Шуто Оризари е затворена поради недостиг на персонал, без Фондот навреме да биде информиран.

Паралелно со овие контроли, ФЗО проверил и 26 други здравствени установи во однос на начинот на пресметка и исплата на плати. Само кај осум не биле забележани неправилности, додека кај 18 се потврдени пропусти.

Најчестите неправилности се однесуваат на:
– несоодветна пресметка на часови од дежурства
– истовремено исплаќање додаток за смена и додаток за дежурства
– пријавени над 32 часа прекувремена работа месечно (повеќе од законски дозволеното)
– зголемени директорски плати спротивно на законот и колективните договори
– недоставување документи за дежурства во осум установи, што укажува на можни злоупотреби.

Фондот веќе доставил барања за враќање на неправилно исплатените средства, а следните контроли ќе утврдат дали установите постапиле.

Клековски нагласи дека контролите опфатиле и мали и големи здравствени установи, од здравствени домови до клинички болници. Тој истакна дека се работи за тековни состојби, а не за ревизија на минати периоди, но сигнализира дека неправилностите мора системски да се решат.

„Дополнителната дејност и дежурствата стануваат клучен проблем. Недоставувањето на документација од страна на осум установи само потврдува дека таму постојат најсериозните несоодветности. Имаме обврска да воспоставиме јасни правила, особено кога се соочуваме со тужби за неисполнување на колективните права“, рече Клековски.

Тој потсети дека капитациските бодови се зголемени за 33 отсто, додека платите во здравството се зголемени кумулативно за 17 отсто, нагласувајќи дека повисоки плати мора да бидат проследени со законито управување.

ФЗО веќе ги доставува извештаите до Министерството за здравство, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија. Според Клековски, во дел од случаите постојат индиции за кривични дела, што ќе бара понатамошно постапување.

„Од минатогодишните пријави имаме неколку кривични постапки покренати од полицијата, но сè уште немаме повратна информација од Обвинителството“, додаде тој.

На новинарско прашање дали дел од клиниките што работат со долгови се истите што ги зголемиле платите, Клековски одговори дека има такви примери.

Зачлени се на нашиот е-билтен