Поранешниот директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, реагираше на најновите случувања каде изминатите денови по смртта на седум берберски овци, почина и мајмун од расата патас. Тој ја критикуваше нетранспарентноста на институцијата и обвини дека јавноста и новинарите не добиваат информации за случувањата.
„Да, прочитав за случајот. Патасот е еден од најбрзите мајмуни, со бушаво крзно со бледоцрвеникава боја. Имаат тесно тело, долги екстремитети и долг опаш. На лицето имаат бели мустаќи и брада и се многу интересна група. Но, што и да е причината за смртта, најмногу ме загрижува нетранспарентноста. Ова не е само прашање за Зоолошката градина, туку за јавноста. Не можеш и не смееш да бидеш прв човек на институција, а да прикриваш информации од јавен интерес и да ги држиш вработените под притисок,“ вели Галетановски за Рацин.мк.
Тој нагласува дека Зоолошката градина е посебна институција, која бара менаџер со искуство, но и љубов кон животните и луѓето.
-Ова не е административна фирма каде што одиш само за да земеш плата. Скопската Зоолошка е болна точка не само за жителите на главниот град, туку и за многу посетители од целата држава,“ додава тој.
До овој момент, ниту градоначалничката Данела Арсовска, ниту актуелниот директор на Зоолошката градина, Зоран Попов, не дадоа јавно објаснување за состојбата во градината. Попов, кој е на функцијата веќе две години, сè уште нема излезено со став за последните случувања.
Скандалите во Зоолошката градина не стивнуваат, а јавноста сè погласно бара одговорност.
Останува да се види дали надлежните институции ќе дадат транспарентни информации и ќе преземат мерки за подобрување на условите за животните.