Гаши: Граѓаните не се задоволни со нивото на политички дискурс и политичка култура што ја има во Собранието

Граѓаните не се задоволни со нивото на политички дискурс и политичка култура што ја има во Собранието, а и да е добра, мислам дека секогаш треба бараме повеќе, изјави претседателот на македонскиот парламент Африм Гаши, а во врска до постапката за донесување Етички кодекс во законодавниот дом.

Според Гаши, Етичкиот кодекс е начин на подигнување на нивото и тоа ќе придонесе за подигнување на достоинството на секој пратеник.

-Секогаш има потреба да ги подобриме нашите односи и подигнување на политичката култура. Ако лично оценувам, би ја кажал перцепцијата на граѓаните кои мислам дека не се задоволни со нивото на политички дискурс и политичка култура што ја има во Собранието, а и да е добра, мислам дека секогаш треба бараме повеќе. Јас сум задоволен од сите колеги во Собранието, но етичкиот Кодекс е начин на подигнување на нивото и тоа мислам дека ќе придонесе за подигнување на достоинството на секој пратеник поединечно, но и на Собранието како институција како една од најбитните институции во државата, нагласи Гаши.

За време на посетата на Општина Битола, во придружба на народните избраници Олга Лозановска, Силвана Ангелевска, Пеце Милевски и Бисера Костадиновска Стојчевска, како и градоначалникот Тони Коњановски, претседателот на Собранието, Африм Гаши ги промовира реконструираните канцеларии на пратениците од овој град.

-Проектот „Ваш пратеник“ е долгогодишен со потешкотии во минатото, но сега имаме една нова динамика на отворање на канцелариите за пратеници. Во Битола канцелариите се прилично достоинствени и се надевам дека тоа ќе биде поттик за граѓаните на Битола да доѓаат и да се среќаваат со нивните пратеници со што ќе се оствари правото на непосреден контакт на граѓаните со пратениците. Проектот „Ваш пратеник“ е проект на Собранието и се реализира во соработка со Швајцарската амбасада и НДИ, а сега Собранието ќе се обиде во сите општини да има канцеларии за контакт со пратениците, посочи Гаши.

За првиот човек на македонскиот парламент, прием во својот кабинет приреди градоначалникот Тони Коњановски.

  • За време на приемот во Општина Битола со претседателот на Собранието Африм Гаши разговаравме на повеќе теми, разменивме искуства и пријателство и соработката ќе продолжи понатаму, посочи градоначалникот Коњановски.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Африм Гаши престојот во Битола го заврши со посета на Музејот на албанската азбука.

Зачлени се на нашиот е-билтен