Георгиева Трпевски: Здравството е во хаос, специјализантите чекаат работа а Таравари тера етнички теми

Здравствениот сектор во Македонија се наоѓа во критична состојба, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и министерот за здравство Арбен Таравари не ги исполнуваат дадените ветувања. Ова денеска на прес-конференција го изјави Душанка Георгиева Трпевски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Според неа, здравството се соочува со сериозни проблеми – недостаток на лекови, недостаток на медицински кадар, огромни листи на чекање и несоодветна нега во болниците, што резултирало со трагични последици, вклучително и смрт на над 20 деца.

„Осум месеци поминаа од ветувањата дека ќе се вработат специјализантите, а тоа сè уште не се случи. Ниту Мицкоски, ниту Таравари го исполнија ова ветување. Граѓаните и медицинските работници се жртви на неспособноста на оваа власт,“ изјави Георгиева Трпевски.

Таа ја обвини Владата дека наместо да се фокусира на решавање на овие проблеми, прибегнува кон отворање етнички теми за да ја дефокусира јавноста од состојбата во здравството.

„Министерот Таравари јавно кажува дека етничките теми му се приоритет, а не здравството. Ова е тактика за бегање од одговорност, но граѓаните нема да наседнат на ваквите манипулации“, нагласи таа.

Од СДСМ бараат одговорност од министерот Таравари и Владата за, како што велат, катастрофалната состојба во здравствениот систем.

Зачлени се на нашиот е-билтен