„Францускиот предлог“ е многу јасен и прецизен и не знам зошто се оди контра тој предлог. Не смееме да заборавиме дека тој „Француски предлог“, практично и де факто беше поништување на една ригидна позиција на бугарската политика со оној, непријатен став дека до 1945 година, сте биле Бугари, а од ‘45 година сте Македонци, кој беше усвоен од бугарскиот парламент.
Ова го вели претседателот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, во интервју за Рацин.мк
„Многу малку се дава значење во Македонија дека францускиот предлог практично ја поништи таа идеја. Го поништи тој предлог затоа што за францускиот предлог се гласаше исто така и во бугарскиот парламент и наместо да се толкува тоа како една победа, ние го тоа толкуваме како пораз“, истакнува Георгиевски.
Тој препознава една неконзистентност во политиките по прашањето на евроинтеграциите на Владата и вели дека наместо да има еволуција на нејзините ставови, таа се постави на една ригидна позиција.
„Сега ние сме тие коишто поставуваме услови на ЕУ, ако сакаме да одиме понатаму. Сето тоа зборува дека оние кои се главни и одговорни за нашиот пат кон ЕУ во овој момент, немаат сериозна политика за да се пробие оваа последна ставка и да почнеме со нашата финална евроинтеграција, освен ако не се случува нешто зад кулисите што не го знаеме“, посочува Љубчо Георгиевски во интервјуто за Рацин.мк.
За разлика од македонската страна, Георгиевски препознава напредок на Бугарија во нејзнините ставовие и дека после „францускиот предлог“ провокативните позиции од страна на бугарски политичари се сведени на минимум.