Герасимовски: Ново зеленило и урбана опрема, помош за реконструкција на фасадите и лифтовите

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, продолжи со теренски средби со жителите на Центар, во рамки на „Маалски муабети со Горан“, овој пат со срдечни средби во Градски ѕид, населбата што го носи белегот на модерното Скопје.

Проблемите, рече Герасимовски на средбите, заедно со граѓаните, ќе ги решаваме, ќе ги реализираме идеите и барањата за да биде овој дел на Центар уште поубаво место за живеење.

„Ќе поставиме нови клупи и урбана опрема, ново зеленило и систем капка по капка за наводнување. Но, сакаме и мораме сите заедно да го сочуваме она што ќе се направи. Да има ред и мир потребно е да водиме грижа. Општинските редари ќе помагаат, а првата карика е домашното воспитување и да се чува она што е наше“, рече Герасимовски.

Општина Центар, посочи градоначалникот, со субвенции и им помага на своите жители за реконструкција на крововите, дотраените лифтови и фасади. Општината е отворена за жителите, градоначалникот ги повика центарци секој вторник и четврток, да дојдат на разговор за проблемите со кои се соочуваат

За проблемот со паркирање градоначалникот Герасимовски апелираше подземните паркинг простории да се користат за вистинската намена, а не за издавање за други намени. Ги запозна жителите со пилот проектот за затварање на Дебар Маало за возила во одреден дел од викендите, за ослободување на тротоарите од возила.

„Тој проект што ќе го отпочнеме во Дебар Маало планираме да го пресликаме и во другите населби, тоа ќе биде решавање на проблемот со паркирање во сите населби на територијата на Општина Центар. Во делот на хигиената водиме борба и со комуналното претпријатие, имаме над 110 хигиеничари кои што се постојано на терен но се согласувам дека условите мораме да ги подобриме особено во овие летни денови кога имаме високи температури за да не дозволиме да се шират зарази. Имаме купено и цистерна која што сега ќе работи во две смени, ако треба и во три смени се со цел да ја подигнеме хигиената на повисоко ниво“, рече Герасимовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен