Новата германска владина коалиција планира преполовување на квотата за работни дозволи за граѓаните од Западен Балкан, вклучувајќи ги и Македонците. Наместо досегашните 50.000 дозволи, новиот план предвидува дозволи за само 25.000 работници годишно, со цел контрола на имиграцијата и намалување на притисокот врз пазарот на труд.
Агенциите што посредуваат при вработување во Германија потврдуваат дека овие мерки ќе ги погодат и македонските печалбари, кои последниве години во голем број се преселуваат во Германија. Според Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“, над 53.000 Македонци се иселиле во Германија само во 2022 година, што е речиси двојно повеќе од 2021 година.
Повеќето Македонци работат во транспортниот сектор како возачи, а значителен број се вработени во фабрики за храна, угостителство и како хигиеничари. Градови како Берлин, Штутгарт, Хамбург и Хановер имаат најголема концентрација на македонски работници.
Последици за германската економија
Германските бизнис здруженија предупредуваат дека намалувањето на квотите може да доведе до сериозен недостиг на работна сила. Според Холгер Шванеке, директор на Централното здружение на германски занаетчии, занаетчискиот сектор особено ќе биде погоден, бидејќи многу компании веќе се соочуваат со недостаток на работници.
Секторите како градежништво, здравствена грижа и угостителство изразуваат загриженост дека овие мерки ќе го влошат проблемот со дефицитот на работна сила.
Досега, според Регулативата за Западен Балкан, секој неквалификуван работник можеше да замине во Германија доколку има понуда за работа. Единствено беше потребно работодавачот да потврди дека нема кандидати од Германија или ЕУ за таа позиција.
Сепак, под притисок на јавното незадоволство од неконтролираниот прилив на работници, новата владина коалиција планира построги критериуми за издавање дозволи.
Иако преговорите за новата коалиција сè уште траат, се очекува конечна одлука во наредните месеци.