Германски експерти ги истражуваат лилјаците на Пелистер

Во Националниот парк „Пелистер“ во тек е теренско истражување на лилјаците, спроведено во соработка со експерти од Германија и тимот од НП „Галичица“. Иако станува збор за суштества од клучно значење за екосистемот, лилјаците и понатаму се жртви на предрасуди – опишувани како мрачни, злокобни и поврзани со митови за Дракула, објави тв Тера.

Научниците, пак, имаат поинаков пристап. За нив, лилјаците се индикатори за здравјето на природата. Истражувачката група предводена од германскиот биолог Бернт Олендорф, која со децении го проучува овој вид, оваа година ја избра Македонија како терен за нови сознанија. Проектот на Пелистер ќе трае до 16 мај, а вклучува едукативни активности, теренско набљудување и поставување на микрочипови – сè со цел прецизно следење на нивните движења.

Во рамките на истражувањето, синоќа се одржа едукативна сесија со ученици од средните училишта „Д-р Јован Калаузи“ и „Таки Даскало“. Младите имаа ретка можност да видат како изгледа модерната теренска наука – со опрема што регистрира ултразвучни фреквенции, преку кои се идентификуваат различни видови лилјаци.

„Биодиверзитетот тука е фасцинантен. Националните паркови се значајни не само за лилјаците, туку и за птиците, пеперутките, мечките…“, вели Олендорф. Според него, популацијата на лилјаците во Европа се менува, а за Балканот сè уште недостасуваат прецизни податоци – нешто што оваа истражувачка мисија има за цел да го смени.

Во дворот на информативниот центар на Пелистер, додека се подготвуваше теренот за ноќно следење на две локации – Бегова Чешма и Лајсточин Камен – едно мало лилјаче одлучи само да се „пријави“ меѓу присутните. И тоа преку уред што го регистрира неговиот звук, недостапен за човечкото уво.

„Секој вид има свој ‘потпис’ – ултразвукот што го емитуваат е уникатен и ни овозможува идентификација“, објаснија експертите.

Но, и покрај значењето на лилјаците за екосистемот – особено како контролори на популацијата на инсекти – тие и понатаму се жртви на непознавање и суеверија.

„Потребна е многу посериозна работа со јавноста. Ваквите теренски демонстрации со ученици се мал чекор во правилна насока“, рече Иванчо Тошевски, директор на НП „Пелистер“. „Еколошката свест не се гради со празни декларации, туку со конкретна едукација – директно на терен.“

Како ќе се однесуваме кон лилјаците – со наука или со страв – ќе покаже не само дали ја разбираме природата, туку и дали сме подготвени да ја зачуваме.

Зачлени се на нашиот е-билтен