Германскиот парламент со резолуција ќе потврди дека македонскиот народ и јазик се добредојдени во ЕУ

Германскиот парламент – Бундестагот, в четврток, 15 јуни, ќе расправа за процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија и се очекува да усвои резолуција со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на тој пат, објави „360 степени“.

Ова во интервју за порталот го потврдуваат во Бундестагот, Томас Хакер и Борис Мијатовиќ. Најавата на веб-страницата на германскиот парламент за дебатата на оваа тема е илустрирана со сложувалка во која еден дел од знамето на ЕУ е македонското државно знаме. На резолуцијата треба да се гледа во контекст на домашната политичка дебата за уставните измени и на барањата на опозицијата за дополнителни гаранции.

Томас Хакер, члeн на Бундестагот од редовите на Либералите

Томас Хакер од либералите и Борис Мијатовиќ од зелените – и двајцата дел од владејачкото мнозинство во пресрет на дебатата за европскиот пат на Северна Македонија, в четврток на пленарна сесија на Бундестагот очекуваат дека резолуцијата ќе добие поддршка и од опозициските демохристијани од ЦДУ.

„Зборуваме за резолуција – германскиот парламент зборува за проширување на ЕУ и германскиот парламент би сакал да нагласи дека секој напредок во оваа насока е добредојден, особено напредокот што Северна Македонија го направи во изминатите години, кој е извонреден и би сакале да го поддржиме. Кога станува збор за тешки теми, би сакале да кажеме дека го поздравуваме проширувањето на културниот и социјален диверзитет на ЕУ. Македонскиот јазик е добредојден, македонскиот народ е добредојден, државата – Северна Македонија е добредојдена да ѝ се приклучи на ЕУ и ние сакаме, во детали, да кажеме – во ред, сега е моментот да ги впериме рефлекторите, да ѝ покажеме на ЕУ дека има напредок во проширувањето, дека граѓаните прават напори да ѝ се обратат на ЕУ за членство и ние тоа го поздравуваме“, нагласува во интервјуто за „360 степени“ пратеникот на либералите Томас Хакер.

Неговиот колега од партијата на Зелените Борис Мијатовиќ вели дека пред Македонија има „прозорец на можности“ за забрзување на процесот на прием во ЕУ дека сега е момент да се искористите овој прозорец.

Борис Мијатовиќ, пратеник во Бундестагот, член на Зелените

„Ако не може да се стигне до компромис, а знаеме колку тоа е тешко за граѓаните и за парламентот на Северна Македонија, ќе имаме ситуација во која ќе се соочиме со избори за Европскиот парламент, па ќе се формира нова европска комисија, а тоа одзема многу време. Оттука, до наредната пролет го имаме овој „прозорец на можности“ да продолжиме со процесот и сакаме да ја поканиме Северна Македонија, нејзините граѓани, да го продолжат патот заедно со ЕУ. Тоа е покана, тоа е наша желба, но, секако, за тоа треба вие самите да решите“, истакнува во разговорот за „360 степени“ пратеникот во германскиот Бундестаг Борис Мијатовиќ.

Интервјуто со пратениците во германскиот Бундестаг, иницијатори на резолуцијата со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик, во целост е на порталот “360 степени“.

Зачлени се на нашиот е-билтен