Бугарскиот премиер Димитар Главчев ја повтори пораката до македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека ставот на Софија во однос на евроинтеграцијата на Македонија останува непроменет. Главчев истакна дека за каков било напредок во билатералниот дијалог, прво мора да се намали острината на јавниот говор.
„Говорот на омраза не треба да биде дел од комуникацијата. Треба да започнеме со добри европски манири и тон, како што прилега на земја-членка и земја-кандидат. Нашиот став не е променет,“ изјави Главчев на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.
На прашањето на бугарските новинари за јазикот на комуникација со Мицкоски, Главчев рече: „Јас зборувам на бугарски, а тој ќе каже на кој јазик зборува.“
Од македонска страна, премиерот Мицкоски на средба со високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, истакна дека на патот кон Унијата не смеат да постојат билатерални прашања кои го оспоруваат идентитетот и јазикот на Македонија.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, зборувајќи за проширувањето, нагласи дека тоа е важна геополитичка инвестиција и додаде: „Билатералните прашања не треба да го блокираат пристапувањето. Лично ќе се ангажирам за надминување на овие проблеми.“
Во меѓувреме, Европскиот совет истакна дека Македонија треба да ги забрза уставните измени за да продолжи кон Унијата. Дискусиите околу можноста за креативно решение, кое би обезбедило нови гаранции за процесот по отворањето на Уставот, сè уште траат зад затворени врати.