Главниот економист на СТО предупредува: Царините се политичка алатка со долгорочни последици

Царините ретко носат реални економски придобивки и често имаат долгорочни негативни ефекти врз економијата, предупредува главниот економист на Светската трговска организација (СТО), Ралф Оса, во својата нова анализа објавена на блогот на организацијата. Според него, иако на прв поглед царините делуваат како едноставна мерка за заштита на домашната економија, нивното влијание е длабоко и комплексно, со последици кои не секогаш се предвидуваат.

„Царините се, во својата основа, едноставни – тие ја зголемуваат домашната цена на увезената стока“, пишува Оса. Но, според него, нивниот ефект не застанува тука. „Цените, платите, валутните паритети и трговските шеми – сите тие се менуваат како резултат на воведувањето царини.“

Во теорија, царините можат да помогнат на домашните индустрии кои се соочуваат со конкуренција од странство. Но, во реалноста, тие често предизвикуваат пренасочување на работната сила и капиталот од извозниот кон домашниот сектор. Со тоа, се намалува продуктивноста и конкурентноста на извозните компании, што може да го ослабне нивното учество на глобалните пазари.

Валутни последици и инфлаторен притисок

Еден од помалку забележаните, но значајни ефекти од воведувањето царини е влијанието врз валутните пазари. Намалената побарувачка за странски производи води кон намалена потреба за странска валута, што пак резултира со зајакнување на домашната валута. Ова дополнително ја намалува конкурентноста на домашните извозници, бидејќи нивните производи стануваат поскапи за странските купувачи.

Покрај тоа, зголемените цени на увозните производи придонесуваат за раст на инфлацијата, што дополнително ги оптоварува потрошувачите и ги зголемува трошоците за живот.

Иако често се претставуваат како средство за намалување на трговските дефицити, царините не се покажале како ефикасен инструмент за решавање на вкупната трговска нерамнотежа. Според Оса, емпириските истражувања покажуваат дека ефектите на царините најчесто се ограничени на одделни сектори или билатерални трговски односи, додека вкупната слика останува непроменета.

Политичка алатка со долгорочни трошоци

Најсилната порака од анализата на Оса е дека царините не се само економски инструмент – тие се политичка алатка. „Царините не се само средство за прибирање приходи или заштита на домашните индустрии – тие се политичка полуга со широк спектар на, често несакани, последици“, пишува тој.

Тој предупредува дека нивната краткорочна популарност може да ги засени долгорочните негативни последици, како што се повисока инфлација, намалена конкурентност, нарушена меѓународна соработка и опаѓање на довербата во економските институции.

Пораката од СТО е јасна – иако царините може да изгледаат како брзо решение за одредени економски предизвици, нивната употреба мора внимателно да се разгледа. Во спротивно, економијата и граѓаните би можеле да се соочат со непосакувани трошоци кои ќе се чувствуваат долго време по нивното воведување.

Зачлени се на нашиот е-билтен