По спроведена стручна анализа, Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија (ГНКА) утврди дека Националната стратегија за образование 2026-2032 не ги опфаќа вселената, космичкото образование, космичките науки, вселенските истражувања, апликации и иновации.
Поради овој сериозен пропуст, ГНКА формираше Експертска работна група која подготви аргументирани предлози за изменување и дополнување на Стратегијата, со цел нејзино усогласување со современиот научен и образовен развој, се вели во нивното соопштение.
Во периодот 2026-2032 светот влегува во нова фаза на истражување на Месечината, Марс и длабокиот космос, додека македонските ученици и студенти, според предложената Стратегија, остануваат без пристап до космичкото образование и космичките науки, посочуваат од ГНКА.
„Затоа доставивме официјален предлог по електронски пат до Министерството за образование и наука, Владата, Собранието и Претседателот на Македонија. Бидејќи станува збор за прашање од стратешко национално значење, сметаме дека јавноста и медиумите треба да бидат информирани“, иформираат од ГНКА.
Македонските ученици и студенти, истакнуваат од ГНКА, имаат право на образование усогласено со современите и идни научни области. Космичкото образование не смее да биде исклучок ниту да се изостави од визијата за развој на државата.
Што предлага ГНКА?
Според ГНКА, поднесените предлози претставуваат конструктивна, стручно аргументирана и навремена иницијатива за усогласување на Стратегијата со современите стандарди.
Меѓу клучните предлози се:
• Вклучување на космичкото образование и космичките науки во визијата на Стратегијата;
• Препознавање на космосот како приоритетна интер и мултидисциплинарна област во македонското образование;
• Пилот-интеграција на космичкото образование во средното образование;
• Постепено воспоставување на астрономска опсерваторија при Природно-математичкиот факултет;
• Конкретни активности за реализација на претходно предложеното во Акцискиот план 2026–2028.
Предложените измени не наметнуваат задолжителни финансиски обврски, ја почитуваат автономијата на универзитетите, се формулирани како стратегиска рамка за идно планирање, и се целосно усогласени со македонскиот јазик, правната традиција и меѓународното космичко право.