Го празнуваме Св. Климент Охридски – изворот на нашата духовност и образование

Со низа настани денеска во земјава ќе биде одбележан 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски, и патронен празник на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Во Собранието на Република Северна Македонија ќе биде доделена државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.

Свети Климент Охридски е средновековен писател и педагог, ученик на светите Кирил и Методиј, основоположник на Охридската книжевна школа, прв словенски епископ во Македонија, патрон на градот Охрид и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Роден бил околу 830 – 840 година.

Како следбеник на делото на светите браќа Кирил и Методиј, со делото свети Климент и свети Наум Охридски започнаа христијанизацијата на територијата на Македонија, како и просветата, книжевноста, уметноста и културата.

Светиклиментовата дејност била просветна, пастирска и духовна. Наречен е просветител, со полното значење на зборот просвета. Станува почеток на нашата средновековна книжевност. Неговите творби се најубавите дела на старомакедонскиот словенски јазик и писмо.

Животот го посветил на Бога и на народот. Свети Климент го основал Охридскиот универзитет, кој се смета за прв словенски универзитет и прв универзитет во Европа.

Petar Milošević, CC BY-SA 3.0 https://creativecommons.org/licenses/by-sa/3.0, via Wikimedia Commons

На Светиклиментовиот универзитет се изучувале сите тогашни науки. Се создавала нова книжевност и просвета. Со неговото дело отпочнува најзначајната епоха во македонскиот среден век. Охрид, свети Климент и неговиот Универзитет си го зазеле своето место меѓу двете големи јазично-културни цивилизации, грчката и латинската, како третата – словенската, јазично-културна цивилизација.

Тој бил пример: и со животот и со делата, и со добродетелите и со дарбите, и со знаењето и со учењето, и со службата и со подвизите, и со учителството и со творештвото – и со целокупната своја личност, која ја имал изградено според критериумите на Евангелието.

Зачлени се на нашиот е-билтен