„Го убивте животот во нас“ – семејства на жртвите од Кочани протестираа пред обвинителството во Скопје


Со фотографии на своите деца во раце и болка преточена во тишина, семејствата на трагично загинатите млади од Кочани маршираа денес од центарот на Скопје до зградата на Јавното обвинителство. Протестот, иако мирен, ја испрати најгласната порака досега за, како што велат, институционалниот молк по една од најтрагичните несреќи во поновата историја на градот.

„Ова не е држава. Државата сме ние. Ни ги зедовте децата, ни го убивте животот во нас“, изјави Владимир Апостолов, татко на едно од загинатите деца, обвинувајќи ги институциите за криминална небрежност и системски пропусти.

Протестот доаѓа неколку месеци по трагедијата што се случи во објект за забава во Кочани, за кој семејствата тврдат дека функционирал незаконски — како дивоградба легализирана уште во 1999 година, без соодветна пренамена. До денес, ниту еден функционер не е повикан на одговорност, велат организаторите.

Апостолов го критикуваше и Јавното обвинителство, обвинувајќи го за неактивност и игнорирање на јавниот притисок. „Кој ќе го уапси обвинителот? Кој ќе ги повика на одговорност министрите, директорите, началниците?“, праша тој пред присутните.

Во говорите беа именувани поранешни и актуелни функционери од различни институции – од Министерството за внатрешни работи до инспекциските служби – за кои роднините велат дека носат дел од одговорноста за трагичниот исход.

И покрај емоционалната тежина, протестот беше мирен, но решителен. Семејствата порачуваат дека нема да отстапат сè додека правдата не биде задоволена и виновните не бидат изведени пред лице на правото.

Зачлени се на нашиот е-билтен