Во поликлиниката Бит Пазар секојдневно се вакцинираат меѓу 500 и 600 граѓани против сезонски грип, а најголем дел од нив се постари лица.
„Минатата недела имавме околу 300 пациенти дневно, а сега, поради зголемениот интерес, бројката достигнува и до 600. Работиме во две смени – од 8 до 19 часот, и процесот се одвива без поголеми редици,“ изјави докторката Сања Цилевска-Младеновска.
Таа додава дека граѓаните се повикуваат на термин и дека вакцинацијата се спроведува внимателно, со претходен разговор со лекар за да се избегнат можни компликации.
Интересот е особено голем меѓу постарите лица, кои велат дека се чувствуваат посигурно кога се вакцинирани. „Нашата возраст треба да се вакцинира – тоа е заштита,“ вели еден од нив, кој ја прима вакцината трета година по ред.
Според податоците од Министерството за здравство, досега над 70 илјади граѓани се пријавиле за вакцина против сезонски грип, а повеќе од 22 илјади веќе се вакцинирани низ државата. Вакцинацијата се спроведува во 35 пунктови, од кои пет се во Скопје, а пријавувањето се врши преку апликацијата vakcinacija.mk или преку матичниот лекар.
