Попладнево во депонијата „Дрисла“ избувна сериозен пожар, кој го гаснат десет противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, со дополнителна помош од две цистерни на ЈП „Комунална хигиена“.
Командантот на бригадата, Звонко Томевски, изјави дека пожарот е од поголеми размери и постоела опасност да се прошири на околната борова шума, што би можело дополнително да го загрози локалното население и објектите во близина. „Се надеваме дека за кратко време пожарот ќе биде целосно изгаснат“, рече Томевски. Иако бил побаран авион од Дирекцијата за заштита и спасување за помош при гасењето, немало услови за негово интервенирање.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, потсети дека пожарот е локализиран со противпожарни појаси за да се спречи ширење кон тревата, грмушките и шумата. Тој додаде дека постојат сомнежи дека пожарот бил предизвикан намерно. „Дрисла не се самозапали, особено поради високите температури кои ги имавме ова лето, па затоа се сомневаме во подметнување“, рече Ангелов.
Гаснењето е во тек, а пожарникарите со сите сили се обидуваат да го контролираат огнот и да спречат ширење надвор од депонијата.