Голем пожар во Старата скопска чаршија – гори напуштен објект кај „Пивница“

Вечерва околу 20 часот избувна голем пожар во напуштен објект во близина на локалот „Пивница“ и црквата „Св. Спас“, на влезот од Старата скопска чаршија.

Пламените брзо се проширија, а густиот чад ја обви околината, отежнувајќи го дишењето и низ Чаршијата и околу Калето.

Противпожарната бригада на Град Скопје информира дека на терен интервенираат 12 пожарникари со четири возила, кои се обидуваат да го локализираат пожарот и да спречат негово ширење кон соседните објекти.

РЦУК Скопје соопшти дека пожарот зафатил стара и напуштена куќа, а причините за неговото избувнување засега не се познати. Граѓани кои се затекнале на местото објавуваат снимки на социјалните мрежи, на кои се гледа интензивниот пламен кој го зафаќа објектот.

Засега нема информации за повредени.

Надлежните служби остануваат на терен до целосно гаснење на огнот и обезбедување на локацијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен