На единствениот пристапен пат што води низ централниот дел на Галичник, се појавило големо свлечиште кое сериозно го загрозува безбедното движење на жителите, посетителите и туристите, соопштија денеска од Месната заедница Галичник.
– Патот, кој е од витално значење за комуникацијата и секојдневниот живот во Галичник, во моментот е сериозно оштетен, со потенцијал целосно да се прекине пристапот до нашата заедница. Ситуацијата претставува опасност не само за безбедноста на луѓето, туку и за нормалното функционирање на сите активности во местото, се наведува во соопштението.
Галичник, како културно наследство од национално значење и симбол на традицијата и историјата на Македонија, посочуваат од Месната заедница, не може да си дозволи ваков прекин, особено во пресрет на летната сезона кога се очекуваат зголемен број гости и културни настани.
Апелираат до надлежните институции за итна интервенција и санација на патот, како и до медиумите да помогнат во подигање на јавната свест за сериозноста на ситуацијата.
Од Месната заедница Галичник за состојбата го информирале и Центарот за управување со кризи. ц