Паркот на природата Езерани во Преспа деновиве се соочува со голем пожар кој се заканува да уништи голем дел од заштитениот биодиверзитет. Ова заштитено подрачје сместено на северното езерско крајбрежје важи за едно од најзначајните подрачја за биолошка разновидност во Преспанскиот регион и во државата, дом на голем број растителни и животински видови кои во моментот се жртва на пламените јазици.
Од Македонското еколошко друштво предупредуваат дека освен негативните последици врз биодиверзитетот, пожарот несомнено ќе се одрази негативно и врз целиот Преспански предел, дополнително ќе биде нарушена состојбата на езерото, како и квалитетот на живот на локалното население. Под ризик се приватните поседи и овоштарниците од населените места кои граничат со Паркот.

„Мобилизирани се сите локални капацитети за борба со огнот, но пожарот е сѐ уште надвор од контрола и потребна е дополнителна помош од надлежните институции. Брзата реакција е неопходна за спас на Езерани“, порачуваат од МЕД.
Преземено од Мета.мк