Според новите податоци за платежната статистика за трите квартали од 2024 година, објавени од Народната банка на Република Северна Македонија, продолжува трендот на зголемена употреба на дигитални канали за плаќање. Сепак, готовината сè уште доминира во онлајн нарачките, при што 47% од македонските онлајн купувачи се одлучуваат за плаќање во готово, според последните податоци на Findex.
Вредноста на трансакциите преку картички забележала годишен раст од 11,3% по број и 13,6% по вредност, додека плаќањето преку е-трговија пораснало за 7,5%. Сепак, плаќањето со готовина при доставата (Cash on Delivery – CoD) продолжува да биде најчест избор на македонските потрошувачи. Според анализа на Асоцијацијата за е-трговија, 72,5% од е-трговците велат дека готовината при достава е доминантен метод на плаќање, а 82,5% од купувачите ја претпочитаат оваа опција.
Од Асоцијацијата за е-трговија посочуваат дека најголемите предизвици се недовербата кон онлајн продавниците и стравот од неиспорачување на производите. Дополнително, навиките и недостатокот на дигитални вештини за користење на платежни картички играат важна улога во популарноста на плаќањето со готовина.
Иако во земји како Австрија и Данска готовината е речиси целосно исфрлена од употреба, во регионот на Западен Балкан, вклучувајќи ја Македонија, готовината се уште игра значајна улога. Промената во оваа тенденција ќе бара инвестиции во дигиталната писменост, намалување на трансакциските трошоци и зголемување на довербата во дигиталните плаќања.