Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов, денеска преку објава на социјалните мрежи упати итен апел за помош до сите надлежни институции поради, како што посочи, алармантната состојба со пожарот што беснее во атарот на село Николиќ.
„АПЕЛ ЗА ПОМОШ ДО СИТЕ НАДЛЕЖНИ!!! Потребна е воздушна помош поради алармантната состојба со пожарот во село Николиќ!“, стои во пораката што ја објави градоначалникот Ангов.
Пожарот, според првичните информации, се шири со голема брзина поради високите температури и ветерот, а теренот е тешко пристапен за противпожарните екипи на терен, што ја отежнува интервенцијата од земја.
Ангов бара итна ангажираност на воздушни ресурси, како хеликоптери или авионски единици за гаснење, со цел да се спречи понатамошно ширење и загрозување на населени места или земјоделски површини.