Граѓаните на Аеродром на улица: „Вардариште е канцер, бараме решение сега и веднаш“

Предмалку заврши самоиницијативниот протест во населбата Аеродром, кој од утринава беше најавен од група гневни граѓани. Причина за револтот е постојаниот чад и загадениот воздух што со денови ги труе жителите на Аеродром и Гази Баба, а за кој тие сметаат дека е предизвикан од повторното палење на отпад во дивата депонија Вардариште.

Протестот, кој беше организиран без формален повик од политички партии или здруженија, почна со блокада на раскрсницата помеѓу булеварите АСНОМ и Србија, пред мостот „Киро Глигоров“. Дел од присутните граѓани носеа транспаренти со пораки „Сега и веднаш“ и „Вардариште е канцер“, барајќи институциите конечно да ја преземат одговорноста.

„Ало Скопје?! Ако труењето не нѐ засега, тогаш што треба да нѐ засега? Заслужуваме подобро“, се вели во еден од твитовите што граѓаните ги споделија во пресрет на протестот. На теренот можеше да се чуе и обединет повик: „Секој ден во 18 часот ќе се собираме, сè додека не видиме конкретни мерки.“

Гневните граѓани ја опишаа ситуацијата како „неподнослива“ и „канцерогена“, нагласувајќи дека децата ја почнуваат новата учебна година во услови на труење со чад и смрдеа. „Ова е канцер, екоцид. Бараме институциите без меѓусебни обвинувања да си ја преземат одговорноста и да го казнат виновникот“, изјави еден од присутните жители.

МВР за кратко дозволи блокада на раскрсницата, по што протестот беше прекинат, но граѓаните јасно порачаа дека ова е само почеток. „Ова не е политика, ова е борба за здравје. Ќе излегуваме секој ден, додека конечно не се реши проблемот и додека не видиме дека се преземаат конкретни чекори, а не само празни ветувања“, велат граѓаните.

Следниот протест е најавен за утре, повторно во 18 часот, на истото место – кај паркчето „Авионче“ во Ново Лисиче. Граѓаните апелираат до сите засегнати од загадувањето да се приклучат масовно, уверени дека само со истрајност можат да издејствуваат трајно решение.

Со транспаренти, свирежи и скандирања, тие испратија порака до сите надлежни: проблемот со Вардариште мора да се реши веднаш – не по изборите, не некогаш во иднина, туку сега.

Зачлени се на нашиот е-билтен