Граѓански организации побараа од Владата итно репрогласување на националниот парк „Маврово“

Национален парк Галичица | Фото: Ptahhotep, CC BY-SA 3.0, Викимедија комонс
Национален парк Галичица | Фото: Ptahhotep, CC BY-SA 3.0, Викимедија комонс

Итно да се заврши процесот на репрогласување на Националниот парк „Маврово“ и да се обезбеди вистинска заштита на природните вредности на подрачјето, побараа денеска од „Еко Свест“, поддржани од 17 граѓански организации, во претставка поднесена до Владата и премиерот Христијан Мицкоски.

Денес се одбележува Светскиот ден на животната средина, и екологистите предупредија на значителни прекршувања на Законот за заштита на природата што како резултат го загрозуваат еколошкиот интегритет и одржливиот развој на паркот.

Посочуваат дека законот за репрогласување на Маврово сѐ уште не е донесен, ниту пак е изготвен Планот за управување, а средствата кои беа за таа намена донаторот ги повлече. Отсуството на формална заштита и соодветно управување резултира со бројни нелегални активности во паркот, кои се пријавени, но не се санкционирани.

Ова особено се однесува на сечата на дрва, која обезбедува 80 отсто од финансирањето на националниот парк, што е неодржлива практика спротивна на намената на заштитеното подрачје. Како резултат на сето тоа забележан е пад на популациите на заштитените животински видови во паркот, во кои влегува и балканскиот рис.

„Организациите изразуваат длабока загриженост поради долготрајниот процес на трансформирање на Националниот парк „Маврово“ според постојното законодавство и меѓународните стандарди. Сегашната состојба ја поткопува заштитата на ова критично подрачје и ја попречува поддршката на локалните заедници во остварувањето на одржлив економски развој“, велат од Еко Свест.

Од таму велат дека постојат потенцијални донатори кои се подготвени да го финансираат работењето на паркот и мерките за зачувување, но само откако ќе биде усвоен План за управување. Фактот дека тој подолг период не се изработува ја спречува финансиската поддршка и одржливото управување со ресурсите и го загрозува еден од најстарите паркови во Европа.

Екологистите посочуваат дека за Маврово постои предмет и во меѓународните институции, а Комитетот на Бернската конвенција постојано препорачува итно репрогласување на националниот парк и забрана за изградба на нови енергетски објекти.

„Ја повикуваме Владата да преземе итни чекори за исполнување на одредбите од Законот за заштита на природата, вклучително и објавување на нацрт-законот за повторно прогласување на Националниот парк Маврово, организирање јавна јавна расправа за Законот и негово усвојување“, посочија од „Еко Свест“.

Студијата за ревалоризација на НП Маврово е веќе завршена, а спроведени се и дебати, но јавните расправи ќе се организираат кога ќе биде готов предлог- законот. Според обновената Студија за ревалоризација, повеќе од половина од површината на Националниот парк „Маврово“ ќе биде зона на строга заштита и активно управување, а остатокот зона на одржливо користење и тампон зона. Ова е зголемување за над 20 отсто на најстрого заштитените делови на паркот, во споредба со истиот документ што беше изработен во 2012 година. Студијата, која беше завршена во декември 2023 година, утврдува и нови надворешни граници на националниот парк, со кои неговата површина се зголемува за над 1.000 хектари.

Научните истражувања кои беа спроведени за потребите на Студијата во текот на 2023 година потврдиле присуство на 14 единки на балканскиот рис, 130 мечки, стабилна популација на волци, како и една од најголемите популации на пеперутката бакарец, загрозен вид кој се наоѓа на црвените листи под строга заштита. Во националниот парк во изминативе десетина години се зголемила и површината под шуми од 30.600 на 36.200 хектари, како и количината на дрвна резерва. Тука се наоѓа и најголемата природна популација на див костен со голем број на столетни дрвја.

Наспроти тврдењата на екологистите, директорот на НП „Маврово“ Харис Ибраими, не гледа проблем во застојот во репрогласувањето на паркот, бидејќи смета дека природата и живиот свет се доволно заштитени, а дека поголем проблем му е како да се заштитат луѓето од населените места кои гравитираат во паркот, на кои наместо да им се забрануваат активности, треба и да им се обезбедат можности за развој.

Зачлени се на нашиот е-билтен