Граѓанските организации за борба против корупцијата бараат непристрасна истрага за трагедијата во Кочани

Корупцијата во Северна Македонија е закана за животот и безбедноста на граѓаните, а не само злоупотреба на јавни средства. Трагедиите како пожарот во Кочани, Ласкарци, „Беса Транс“, и модуларната болница во Тетово се директна последица на системски пропусти, политичка заштита, некомпетентни вработувања и институционална негрижа, истакнаа членките на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

„И покрај континуираните ветувања за реформи, не се спроведени суштински промени во контролата, инспекциските механизми и законската одговорност, што доведе до 150 изгубени животи. Недостигот од одговорност и селективна примена на закони создадоа амбиент каде трагедиите се очекуван исход, а довербата во институциите е длабоко нарушена. Без еднаков третман пред законот и вистински системски реформи, ваквите трагедии ќе продолжат да се повторуваат. Во оваа прилика Платформата упатува конкретни барања до надлежните институции со цел да се прекине праксата на неказнивост, селективна правда и формално исполнување на обврски“, наведено е во соопштението од Платформата.

Оттаму бараат итно да се преземе целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани, а Обвинителството да спроведе темелна и објективна истрага, без политички влијанија.

„Бараме да се објават основни податоци од планот за истрага и да се организираат редовни јавни брифинзи за напредокот, без да се откриваат чувствителни детали. Бараме строги, предвидливи и правично применети казни за корупција, затоа што малите и симболични казни само го охрабруваат прекршувањето на законот. Потребно е да се унапреди заштитата на укажувачите. Одговорност за институциите и компаниите што не ги исполнувале обврските- Потребно е јасно утврдување зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години, да се утврди дали тоа било резултат на нестручност или свесен пропуст и да се обезбедат информации за тековните постапки и резултатите од нив. Теренски проверки при вонреден надзор- Само административна проверка не е доволна. Потребно е инспекциите преку теренска и темелна проверка да утврдат кои објекти и компании ги исполнуваат законските стандарди. Проверка на имотна состојба и интереси на инспектори и службеници кои одлучуваат во постапки за доделување лиценци и дозволи- Да се проверуваат анкетните листови на лица кои одлучуваат за дозволи и надзор, со цел да се откријат евентуални конфликти на интереси, коруптивни врски и нечесно влијание врз одлуките“, пишува во соопштението.

Од Платформата истакнуваат дека барањата што ги упатуваат се основни чекори кон создавање држава во која граѓаните ќе се чувствуваат безбедно и достоинствено, каде можат слободно да се движат и живеат без страв. Најави ја и дека во следните недели ќе биде подготвена „Бела книга“ со досега неисполнети барања за системски реформи, придружена со акциски план и рокови за институциите.

Зачлени се на нашиот е-билтен