Грција ќе го зголеми бројот на службеници додека се реконструира Евзони

Во пресрет на летната туристичка сезона, грчките власти започнаа амбициозен план за целосна модернизација на граничниот премин Евзони – една од најфреквентните влезни точки од Северна Македонија. Преку овој премин годишно транзитираат околу пет милиони патници, а целта на проектот е да се намали времето на чекање и да се обезбеди поефикасен прием на туристите.

Мерките ќе се спроведуваат во две фази, а завршување на сите активности се очекува до 2026 година.

Во првата, итна фаза, се предвидува зголемување на бројот на службеници на самата граница, со што ќе се забрзаат пасошките и царинските контроли. Оваа интервенција е насочена кон намалување на метежот кој редовно се создава во текот на летото, особено од правец на Србија и Северна Македонија.

„Целта ни е границата уште ова лето да функционира побрзо и поорганизирано“, изјави заменик министерот за внатрешни работи задолжен за регионот Македонија-Тракија, Константинос Гкулекас, по одржувањето на состанокот во Солун.

Втората фаза на проектот вклучува темелна реконструкција на граничниот премин. Ќе се реновираат административните објекти, ќе се прошири и уреди паркинг-просторот, а ќе се воведе и нова организација на сообраќајот во преодната зона.

„Целта е патниците уште при влезот во земјата да добијат впечаток на современа, европска граница“, изјавија претставници на надлежните институции.

Според генералниот секретар на Децентрализираната управа на Македонија-Тракија, Јоанис Саввас, проектната документација за реконструкција е веќе доставена до надлежните министерства на разгледување и одобрување.

Според официјалните податоци, преку Евзони во 2024 година поминале околу пет милиони патници, додека само во првите четири месеци од 2025 година се регистрирани нови еден милион премини. Овие бројки го потврдуваат статусот на Евзони како клучен граничен премин и ја истакнуваат итната потреба од негова модернизација.

На состанокот присуствуваа високи претставници од грчката влада и локалната самоуправа, меѓу кои генералниот секретар на Министерството за внатрешни работи Саввас Чионидис, градоначалникот на Пајонија Костас Сионидис, неколку регионални гувернери и директорот на регионалната полиција на Централна Македонија, бригадниот генерал Илиас Скандалис.

Како што беше посочено, овој проект е резултат на „заедничка политичка волја за создавање современи и достојни услови за милионите туристи кои секоја година влегуваат во земјата по копнен пат“.

Зачлени се на нашиот е-билтен