Грета Тунберг во Скопје: Повик за солидарност со Газа и учество на протест за заштита на реката Дошница

Шведската екоактивистка Грета Тунберг престојува во Скопје, од каде преку видео обраќање на социјалните мрежи ги повика граѓаните да се приклучат на протестната блокада што ќе се одржи утре кај реката Дошница, како и на денешната јавна дискусија во алтернативниот културен центар „Дуња“.

Настанот под наслов „Стоп за воената машинерија: Борбата против империјализмот и капиталистичките војни“ има за цел да поврзе глобални и локални борби против неправда, војни и уништување на природата.

„Она што се случува во Газа не може да се одвои од климатската криза. Станува збор за истиот насилен систем, базиран на експлоатација, окупација и профит на сметка на човечкиот живот“, порача Тунберг.

Во истото видео, таа го осуди гласањето во македонското Собрание против доделување хуманитарна помош за населението во Појасот Газа, истакнувајќи дека е потребно здружено дејствување и отпор.

„Мораме да застанеме заедно, да се поврземе во солидарност и да се спротивставиме. Ќе бидам присутна и на дискусијата и на протестната блокада кај Дошница“, изјави таа.

Организаторите очекуваат утрешниот протест да привлече еколошки активисти, антивоени движења и граѓани од целата земја.

Зачлени се на нашиот е-билтен