Артан Груби веќе не е дел од ДУИ. Тој се повлече пред партиските органи да донесат таква одлука, изјави денеска организацискиот секретар на партијата и пратеник, Блерим Беџети, во интервју за ТВ21.
Беџети го повика Груби да се врати во земјата и да се соочи со органите на правдата.
„Го повикувам Артан Груби, во име на партијата и во мое лично име, да се пријави пред органите на правдата. Ако е чист како што тврди, тоа ќе се утврди. Ако, пак, прекршил закон, тоа исто така треба да се докаже. Се надевам дека ќе се соочи со правдата, како и многу други“, изјави Беџети.
Тој нагласи дека ДУИ има сериозен пристап кон одлуките на Стејт Департментот за црната листа, но додаде дека случајот со Груби се однесува на Државната лотарија, а не на санкциите од САД.
Беџети изрази недоволство што поранешниот сопартиец избегнал дијалог и побара од него да се врати во земјата.