Скопје денес изгледаше како град во кој времето застанало. Без автобуси, со преполни постојки, револтирани граѓани и километарски колони автомобили, главниот град повторно се соочи со целосен колапс на јавниот превоз.
Од хотел „Континентал“ по булеварот „Гоце Делчев“ па сè до Мавровка, погледот открива иста сцена – автобуси нема, а улиците се преплавени со пешаци. Луѓе со торби, ученици со ранци, работници со забрзани чекори. „На автобускава сум скоро половина час. Чекам автобус број 57 и искрено не знам дали ќе го дочекам,“ вели една жена, видливо револтирана од ситуацијата. „Имаше и многу повеќе луѓе, ама се разотидоа, кој пеш, кој со такси.“
На Мавровка – истото. Старата автобуска станица преполна со луѓе кои нервозно погледнуваат на часовниците и во далечината. Дел од нив се обидуваат да фатат такси, други одлучуваат пеш да стигнат до универзитетите и судовите. „Имам испит, а не знам како ќе стигнам,“ вели студент, кој веќе 20 минути стои на постојка без ниедна најава кога ќе пристигне автобус.
Движењето со автомобил исто така е вистински предизвик. Паркинг места речиси и да нема, а на секој поголем булевар сообраќајот е успорен. Сообраќајната полиција речиси и не се гледа на терен.
Под „Стоковна куќа Мост“ и понатаму кон Владата – пешаци се движат и по коловозите. Од неколку автомобили се слушаат сирени и свирежи, како израз на гневот кон целосниот хаос во кој се најде градот. „Ова е катастрофа. Да оставиш еден град без автобуси, тоа не е мал проблем, тоа е удар врз сите,“ додава друг соговорник.
Сцените се повторуваат и во други делови од градот – постојки преполни, граѓани во неизвесност, а возрасни и пензионери се жалат дека немаат друг начин на превоз.
Скопје одамна ја губи довербата во својот јавен превоз. Штрајкови, долгови, недостаток на нафта – истата приказна подолг период. Секогаш најголемата цена ја плаќаат граѓаните, додека оние што носат одлуки ретко се возат со дотрошените автобуси на ЈСП.
Денес, главниот град беше оставен без својот најважен крвоток. Јавниот превоз, кој треба да е основа на урбаното живеење, не функционираше. Скопјани се снаоѓаа кој како знае – пеш, со такси, со автомобил – а времето си врвеше, луѓето доцнеа, а нервозата растеше.