Утрово во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје се создаде вистински хаос, откако системот за закажување прегледи и издавање броеви заглави, оставајќи десетици пациенти да чекаат со часови. Меѓу нив имаше и трудници, како и луѓе што дошле на празен стомак за крвна слика, кои сведочат дека дел од термините не биле исполнети, а некои пациенти биле приморани да се вратат дома без да добијат лекарска услуга.
„Чекав цел ден. Имав број 91, стигнаа до број 30, кога престанаа да работат. Сите се напикаа на шалтериве за да прашуваат, јас се откажав и си заминав“, раскажува разочаран пациент за „Слободен печат“.
Од системот „Мој термин“ признаваат дека денеска работи со забавено темпо, но нагласуваат дека претходните денови функционирал без проблеми. Директорот Фикрет Шабани објаснува дека на почетокот на секој месец доаѓа до преоптоварување поради зголемениот внес на податоци.
„Чекаме одговор од ИТ техничарите од ФИНКИ за да дознаеме дали станува збор за инцидент или хардверски проблем. Системот е стар 10 години, годишно се внесуваат од 20 до 40 милиони рецепти и околу 12 милиони упати. Инфраструктурата е застарена, но за еден до два месеца целиот систем ќе биде префрлен во новиот дата-центар, што ќе овозможи хардверски и софтверски подобрувања“, вели Шабани.
И додека институциите ветуваат модернизација, пациентите остануваат заложници на застарената инфраструктура, принудени на долги редици и неизвесност секогаш кога системот ќе „заглави“.