Хаос во Поликлиника „Букурешт“: Пациенти заглавени со часови поради пад на системот

Голем број пациенти денеска беа принудени со часови да чекаат во скопската Поликлиника „Букурешт“ поради целосен прекин на интернет-конекцијата, што го парализираше функционирањето на електронскиот систем „Мој термин“.

Без пристап до дигиталните услуги, лекарите и медицинскиот персонал работеа рачно – заведуваа термини, рецепти и упати со пенкало и хартија, што предизвика сериозни застои, редици и гужва низ ходниците.

Дополнителен проблем претставуваше и тоа што Инсулинската аптека, лоцирана во истата установа, деновиве не издаваше инсулин поради техничките дефекти. Денес дел од пациентите конечно добија терапија, благодарение на иницијативата на медицински сестри кои преку лични контакти успеаја да обезбедат помош од колеги.

Директорот на ЈЗУ Здравствен дом Скопје, Самир Исени, не одговори на повиците и писмените прашања на новинарите. Засега нема информација кога ќе биде отстранет дефектот и кога ќе се нормализира работата на поликлиниката.

Пациентите упатија апел до надлежните итно да ги решат техничките проблеми и да вложат во унапредување на здравствениот систем, за да се избегнат слични ситуации во иднина кои го загрозуваат здравјето и достоинството на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен