Хелсиншки комитет: Забраната на мирни собири и протести пред Собранието е во спротивност со Уставот

Предлог-закон кој предвидува прогласување на просторот околу Собранието на Република Северна Македонија за „безбедносна зона“ е веќе ставен во собраниска процедура, и тоа по скратена постапка. Документот предвидува сериозни ограничувања – забрана за јавни собири, протести, манифестации, летови со дронови, па дури и градежни активности и поставување инфраструктура во близина на законодавниот дом.

Според образложението, мерките се носат од „безбедносни причини“ и се во јавен интерес. Но, Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува дека ваквите ограничувања се директен удар врз основните граѓански слободи.

„Несфатливо е како може да се забрани одржување протести и јавни собири ако основната цел на законот, според предлагачот, е да се спречат градежни интервенции и да се обезбеди непречено функционирање на Собранието,“ реагираат од Хелсиншкиот комитет.

Загрижува и фактот што законот се носи по скратена постапка, без јавна расправа и дебата, а предвидено е да стапи на сила веднаш по неговото објавување – нешто што веќе било спорно во неколку случаи пред Уставниот суд, поради недоволно образложение за вакви исклучоци.

„Бараме итно повлекување на предлог-законот. Вакви ограничувања се противуставни и претставуваат опасен преседан за ограничување на правото на јавно изразување,“ стои во реакцијата од Комитетот.

Од таму потсетуваат дека Уставот на РСМ гарантира право на мирен собир и протест, без претходна најава или дозвола, а дека тоа право може да биде ограничено само во услови на воена или вонредна состојба. И Европскиот суд за човекови права, според Хелсиншкиот комитет, дозволува ограничувања на протестите само кога постои реална опасност од насилство – и тоа исклучиво доколку не може да се реагира со помалку рестриктивни мерки.

„Наместо закони со кои се стеснува просторот за критика и демократски отпор, очекуваме од пратениците да ги штитат и унапредуваат човековите права и слободи,“ порачуваат од Хелсиншкиот комитет.

Зачлени се на нашиот е-билтен