Со неизмерна благодарност и почит, една мајка сподели сведоштво за храброста на Јован Костадинов од Виница – момчето што во трагичниот пожар во Кочани спасило 21 дете, меѓу кои и нејзиниот син.
„Во најтешките моменти, кога сите беа во паника и страв, Јован беше светлина на надеж. Без двоумење, го зеде моето дете, кое беше заглавено под рушевините на дискотеката. Го носеше на грб низ оган и чад, се бореше да го изнесе на сигурно, а потоа го однесе во болницата во Кочани. Додека сите бегаа, тој ризикуваше сè за да спаси животи.“
Јован е вистински херој – млад човек со огромно срце и неверојатна храброст, кој сопствениот живот го стави во опасност за да им помогне на другите.
„Јован, ти го должам новото утро на мојот син, неговата насмевка, неговата надеж. Нема зборови со кои можам да ти се заблагодарам доволно. Засекогаш ќе останеш во нашите молитви и срца.“
Оваа потресна исповед, објавена на Фејсбук, е само едно од сведоштвата за неговата неверојатна храброст, која никогаш нема да биде заборавена.