Ходаи: Етничката поделеност што постои во државата, ја нема кај политичката елита, ги обединува желбата за власт

Во шорткастот на ИМА „Интеркултура” Роберт Алаѓозовски и Бленди Ходаи, граѓански активист, истакнат лидер на средношколците и студентите, разговараат за позитивните општествени и политички трендови во регионот коишто би можеле да бидат пример и за нас, за “фолклоризацијата“ на граѓанскиот активизам при доаѓањето на Грета Тунберг, за етничките поделби и потребата за обединување за заедничка иднина.

Од аспект на регионалните процеси, освен протестите во Србија, коишто се плод на долгогодишниот авторитарен модел на владеење на Вучиќ, за Ходаи, примерот на Хрватска и победата на независните листи за локалните избори „се еден добар пример и модус операнди што би инспирирал и во нашата земја“.

Тој е критичен кон начинот на коj медиумите го претставија доаѓањето на светски познатата активистка во Македонија.

„Не можете вие, наместо да го промовирате тоа што Грета си дошла тука да се приклучи во протестите, за климатската акција што се случува во Дошница, а наместо тоа, вие го промовирате нешто што дојде Грета Тунберг, се приклучи да игра оро со македонските активисти, што воопшто нема смисла и го покажува и лошото ниво на медиумската култура што го имаме тука. Тоа е на некој начин во продолжение на тие реакции што ги има јавноста во Македонија со коментарот на Кос во однос на тоа дека македонскиот идентитет е ајвар, пинџур и така натаму. Истата логика е со Грета Тунберг. Дојде Грета Тунберг и медиумите го промовираат како игра турбофолк. Тоа е на некој начин согласување со тезите на Кос, што ги кажа на прес конференција со премиерот Мицковски“, категоричен е Ходаи.

Тој е критичен и кон политичкиот национализам, што за него е ‘фејк’ опција.

„Една од причините зошто сум застапувач на идејата дека треба сите заеднички обединети да се бориме за одредени теми за државата е токму поради тоа што сум приметил дека таа етничка линија, етничка поделеност што постои во државата, не постои меѓу политичката елита. Политичката елита, албански политички партии, македонски политички партии, многу добро  соработуваат, дискутираат, се дружат, нема никакви проблеми меѓу политичката елита. Проблемот е кога политичките елити, за да продолжат да стојат повеќе на власт, за нивни интереси, иницираат теми на етничка поделеност, сè со цел, нели фамозната на Макијавели, можеш да владееш толку колку што ќе ги разделиш луѓе“, тврди Ходаи.

За него е битно да се инсистира на заедништвото, дури и при постоење на манифестација на омраза, зашто само така може да се подобри состојбата во општеството.

„Сум сакал секогаш, иако некој би ме мразел заради мојата етничка припадност, сум сакал и ќе продолжам да се борам и за него, и за било кој, сè со цел да се креира идејата дека тука сме заедно, никој нема некоја друга држава што ќе отиде, иако има такви теории дека некој, вие имате друга држава, вие немате друга држава. Не, ова нѝ е заедничка држава, и за да ја поправиме, да ја правиме подобра за живеење, за после да не сакаме секој од нас да иде надвор да живее, треба да се бориме сите заедно, без никаква калкулација и причина, дали јас сум Албанец, вие сте Македонци, или Бошњаци, Роми и така натаму. Сите треба да го имаме тоа чувство за државата, заеднички дека треба да работиме да го поправиме. Така што, иако не сум верувал дека постои таква клима на заедништво, сега што веќе 8 години работам на тоа, гледам дека има повеќе и повеќе луѓе што се приклучуваат и веруваат во идејата дека само заедно можеме да правиме некои промени и во општеството и во државата“, вели Ходаи.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во вториот дел од разговорот со Бленди Ходаи во видео шорткастот „Интеркултура”.

Зачлени се на нашиот е-билтен