Хонорарците од Клиничката болница во Тетово повторно протестираат, бараат трајно вработување

Дел од медицинскиот и немедицинскиот персонал во Клиничката болница во Тетово, кој со години работи со договор на дело, денеска одржа протест пред управната зграда на установата, изразувајќи незадоволство од последниот конкурс за вработување и барајќи трајно решавање на нивниот работен статус.

Персоналот тврди дека, и покрај долгогодишното искуство и претходните ветувања од надлежните институции, биле заобиколени при последниот конкурс, а на нивно место бил примен надворешен кадар. Станува збор за дел од вкупно 155 лица, лекари, медицински сестри, техничари, административен и друг персонал кои веќе неколку години работат како хонорарци во болницата.

Незадоволството кулминираше уште во мај и јуни, кога вработените организираа протести и јавно побараа решенија за својот статус. Јавниот конкурс за вработување на 119 лица медицински персонал беше распишан на 24 јули, а неговата реализација се случи по завршувањето на локалните избори.

Една од учесничките на денешниот протест, Ивона Неделковска, која шест години работела како фармацевтски техничар во Инсулинската аптека, изјави дека хонорарците нема да се откажат од своите барања.

„И покрај ветувањата што ги добивме од министерот за здравство, директорот на болницата и градоначалникот, ние сè уште сме без трајно решение. Работевме без редовни примања, без здравствено и пензиско осигурување, без годишни одмори и боледувања. Сметаме дека не е фер да се вработува надворешен кадар без искуство, кога во установата веќе има обучен и искусен персонал“, изјави Неделковска.

Претставници на хонорарно вработените, заедно со новинари, остварија средба со директорот на Клиничката болница во Тетово, Ерзен Елези, од кого побараа појаснување за начинот на спроведување на конкурсот.

Во изјава за медиумите, Елези истакна дека при изборот биле земени предвид реалните потреби на болницата и конкретните профили што недостасуваат.

„На пример, во акушерството беше предвидено само едно работно место, додека со договор на дело работат десет лица. Примено е едно лице кое исто така било ангажирано со договор веќе десет години. Не е можно сите да бидат вработени одеднаш. Околу 80 проценти од примените лица се поранешни хонорарци, додека не беа примени оние чии профили не беа опфатени со огласот“, рече Елези.

Тој додаде дека болницата добила позитивно мислење од Министерството за здравство и од Министерството за јавна администрација за нови вработувања во наредниот период.

„Планирани се 133 нови вработувања на медицински персонал во текот на 2026 година. Тогаш ќе постои можност дел од лицата кои сега не добија трајно решение да бидат вработени“, изјави директорот.

Хонорарците најавија дека ќе продолжат со протестите доколку не добијат јасен рок и писмена гаранција за нивното идно вработување во Клиничката болница во Тетово.

Зачлени се на нашиот е-билтен