Владата ќе продолжи засилено да работи во насока на продолжување и проширување на соработката со Хрватска, зацврстување на заемната доверба, разбирањето и добрососедството. Во следниот период ќе се работи и во унапредувањето на економската и трговската соработка. Постои потреба од зајакнување на соработката и во сферата на туризмот и поддршка на програмата за стручна едукација на македонските студенти на Јадранското крајбрежје, но и за организирање на прва заедничка седница на двете влади, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Скопје.
Ковачевски напомена дека соработката со Хрватска е најразвиена на полето на нашето евроинтегрирање, каде Хрватска е меѓу најгласните и најконзистентните поддржувачи на нашата европска интеграција.
Тој информираше дека Хрватска до сега инвестирала околу 108 милиони евра во Северна Македонија, а според структурата на инвестициите, најмногу се застапени инвестиции во услужниот и во прехранбениот сектор.
На културен план, како што рече Ковачевски, со отворањето на Културно-информативен центар на нашата земја во Загреб минатата година, се дава придонес за продолжување на културната соработка и зближување на народите.
– Благодарни сме за заложбите нашите граѓани кои живеат во Хрватска и ги остваруваат своите права како такви, од ден на ден дека ги унапредуваат. Она што сакаме да го направиме во следниот период е да ја зацврстиме и унапредиме нашата економска и трговска соработка. Вкупната трговска размена меѓу двете земји за 2022 година, изнесува над 200 милиони евра и истата има голем потенцијал за унапредување, со можност да се удвои во наредните години, рече Ковачевски.
Тој верува дека има цела низа на области за соработка кои можат да се унапредат, особено во фармацевтската индустрија, транспортната инфраструктура, градежништвото и туризмот.
– Заедничка соработка остваруваме и во делот на енергетската инфраструктура, за квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија за стопанството и граѓаните на земјата. Во насока на зголемување на трговската размена и привлекување на нови хрватски инвестиции, верувам дека Македонско-хрватскиот деловен клуб, кој се формираше лани во Загреб, ќе има свој значаен придонес, додаде Ковачевски.
Како што потенцираше премиерот, има потреба и од зајакнување на соработката и во сферата на туризмот и поддршка на програмата за стручна едукација на македонските студенти на Јадранското крајбрежје и на хрватските факултети за туризам. Тој посочи дека од мај до октомври оваа година ќе биде воведена и сезонска авиолинија Скопје-Сплит-Скопје, што е еден знак на продлабочување и на соработката и на лесниот и побрз транспорт на нашите граѓани.
Ковачевски појасни дека сме подготвени и за организирање на прва заедничка седница на двете влади, со цел интензивирање на соработката и трасирање на следните конкретни активности во нашите односи.
– Уставните измени кои подразбираат вклучување и на Хрватите во нашиот Устав се пред нас и за истите се надевам и повикувам дека ќе успееме како општество да најдеме надпартиски консензус, рече Ковачевски.
Според Пленковиќ, сега е време да се повлекуваат вистинските потези да се направат стратешки одлуки, кои ќе овозможат раст на стопанството, како и подобра социјална ситуација на сите граѓани на Северна Македонија, кои ќе направат стратегиски исчекори кон бројните потези кои веќе се зад нас.
На билатерален план, како што информираше тој на денешната прес-конференција, трговската размена веќе изнесува 300 милиони евра.
– Најмногу ни е драго што голем број македонски туристи ја посетија Хрватска. Минатата година беше рекордна кога станува збор за туристичките приходи за Хрватска – 13,1 милијарди евра, а оваа година очекуваме над 15 милијарди евра приход, што претставува 6,3 проценти пораст на хрватското стопанство, додаде Пленковиќ.