Битола до крајот на 2026 година ќе се приклучи кон градовите што го воведоа системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци наречен „Безбеден град“ (Сејф сити). Проектот веќе се спроведува во Скопје, Куманово и во Тетово.
Информацијата ја соопшти градоначалникот Тони Коњановски на неодамнешната прес-конференција, осврнувајќи се на своето учество на националната конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, одржана во Скопје.
Битола пред две години доби физибилити-студија, изработена по барање и со средства на Општината. Со неа се предвидуваше 40 камери да бидат поставени на триесетина локации низ градот за поголема безбедност на граѓаните и на јавните добра. До денес надзорот не се инсталира на терен.
Во физибилити-студијата беше направено мапирање на клучните локации за снимање: пешачки зони, средни и основни училишта, паркови, деловите каде што се одлага комунален отпад, објектите за култура, плоштадот, Широк Сокак… Но, исто така и влезовите на градот и клучните крстосници, кои според примерот од другите градови, се предмет на снимања на системот „Безбеден град“.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев при посетата на Битола во јули 2025 година изјави дека станува збор за два различни система што не треба да се поклопуваат.
„Најважно за двата проекта е да не се дуплираме, односно ако ние во еден дел имаме инвестиции, планирани инвестиции во согласност со проектите, во другиот Општината само да биде надополнување на нашиот проект“, рече Јанев во изјава за ТВ „Тера“.
Ж. З.
Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.