Граѓаните не го сакаат новиот ДУП во Ченто: Бараат од Стефковски да го зачува зеленилото

Населбата Ченто во Општина Гази Баба е во центарот на контроверзија околу Предлог-Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт С19, блок 7. Според планот, на местото на постоечко зеленило и детско игралиште се предвидува изградба на згради, што предизвика револт кај жителите.

Граѓаните активно се спротивставија на планот, поднесувајќи забелешки преку анкетни листови за време на јавната анкета, која заврши во петокот. На социјалните мрежи, во групата „Ѕид на општина Гази Баба“, упатија апел до градоначалникот Бобан Стефковски да го спречи усвојувањето на ДУП-от.

– „Целата населба ќе биде во хаос! Избришани се паркинг места, а зеленилото ќе биде заменето со бетон,“ реагира една жителка на Ченто.

ДУП-от предвидува изградба на три згради:

-Една на местото на „Дим маркет“.
-Втора на зеленото игралиште спроти „Комерцијална банка“.
-Трета на рид со мини шума од 40 дрвја.

Според граѓаните, планот е насочен кон остварување на лични бизнис интереси, а дел од земјиштето каде што се предвидени зградите е сопственост на приватна градежна фирма.

Слични битки против урбанистички планови се водат и во други населби, како Влае и Личисче, каде што граѓаните со протести и пополнување анкетни листови успеале барем делумно да го изменат или блокираат донесувањето на спорни ДУП-ови.

Активистите предупредуваат дека ваквите планови ја уништуваат природата и го нарушуваат мирот на локалните заедници.

Неизвесно е како ќе постапат советниците во Советот на Општина Гази Баба и градоначалникот. Жителите, сепак, остануваат решителни – ќе продолжат да се борат за зачувување на зеленилото во нивната населба.

Стефковски, донесол одлука за повторна јавна презентација и анкета за Предлог-Деталниот урбанистички план (ДУП) за градска четврт С19, Блок 7, и покрај јасното противење на граѓаните.

Граѓаните велат дека не сакаат изградба на 8 катница бидејќи ќе се блокира зелена површина на овој простор и детско игралиште.

Планот, кој опфаќа простор од 6,065 хектари, предвидува домување, комерцијални и деловни намени, јавни институции, зеленило, рекреација и сообраќајници.

Границите на планираниот опфат се:

Северозапад: улица „Сречко Пужалка“
Исток: улица „Маџари“
Југоисток: улица „Антон Попов“ (М.А.Ченто)
Запад: улица „С7“


Повторната јавна презентација се одржала на 23 декември 2024 година, во просториите на Општина Гази Баба (барака 8, голема сала), со почеток во 12:00 часот. Планот бил достапен за увид во Урбаната заедница „Маџари 2“ од 20 до 27 декември 2024 година, секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот.

Граѓаните реагираат дека не биле доволно информирани за можноста за доставување на забелешки, бидејќи известувањето било објавено на 20 декември исклучиво на веб-страницата на општината, а не знаеле ниту за јавната презентација.

Со рокот што истече во петокот, граѓаните сметаат дека не им било обезбедено доволно време за да подготват и достават свои забелешки преку анкетните листови достапни во Урбаната заедница „Маџари 2“.

С.Т.

Зачлени се на нашиот е-билтен