И министерот за здравство, Арбен Таравари, излезе со насоки за медиумите како да известуваат за трагедијата во Кочани.
Вчера министерката за образование Јаневска испрати насоки до наставниците и родителите во кои предлага за пожарот во Кочани да се известува како за изолиран случај и да не се генерализира, а сега и министерот за здравство.
Во објава на социјалните мрежи Таравари напиша:
Во овие тешки моменти, наш најголем приоритет е грижата за повредените и поддршката за нивните семејства. Длабоко ја цениме вашата посветеност во информирањето на јавноста и ви благодариме за покажаната солидарност и одговорност.
Сепак, во духот на емпатијата и етичките стандарди, ве молам за почитување на приватноста и достоинството на жртвите. Објавувањето снимки и фотографии од повредените во нивните најранливи моменти може да предизвика дополнителна болка, не само за нив, туку и за нивните семејства, и да влијае на нивниот процес на закрепнување.
Затоа, упатувам искрен апел за одговорно известување, кое ќе стави акцент на поддршката и помошта за оние на кои им е најпотребна. Верувам во вашата професионалност и чувствителност во известувањето за оваа трагедија.
Ви благодарам за разбирањето, соработката и вашата посветеност кон она што е вистински важно, информирањето со почит и емпатија.