Иако Мицкоски вети, Чебрен и Галиште ги нема во договорот со Велика Британија

И покрај јавните изјави на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека хидроелектраните Чебрен и Галиште ќе бидат дел од новата стратешка соработка со Обединетото Кралство, во доставениот Предлог закон за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство – тие проекти не се спомнати.

Законот официјално пристигна во Собранието, а според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, сè ќе биде јавно и транспарентно, и секој проект ќе биде јасно објавен.

„Ништо нема да биде скриено од јавноста, ова е историски договор“, изјави Мицевски, нарекувајќи ја иницијативата „историска работа за нашата држава“.

Во документот доставен до пратениците се наведува рамката за стратешко партнерство и реализација на инфраструктурни проекти, како што се железници, студентски домови, болници и хидроцентрали. Но, конкретно Чебрен и Галиште – двата најавувани енергетски проекти – не се појавуваат ниту во договорот, ниту во анексите приложени на 16 страници.

-Развој на модерна товарна и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија

-Програма за транспортен развој на Коридорот 8

-Инвестиции во здравството и изградба на нови болници

-Завршување на проектот за Клиничката болница во Штип

-Изградба на нов објект за Медицинскиот факултет и студентски дом

-Изградба на болница и здравствен центар во Кичево

-Реконструкција на Клиничката болница во Тетово, ова се конкретните проекти кои се наведени во Анекс А како составен дела на Предлог-законот за ратификација на Договорот за партнерство за реализација на инфраструктурни проекти меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство, доставен до Собранието.

Во договорт стои развој на капацитетите за пренос и производство на енергија, но никаде не се споменува изградба на нови централи.

Инаку, овој договор доаѓа по претходната стратешка спогодба со Обединетото кралство, а се претставува како втор чекор во изградба на меѓународни партнерства за развој на домашната инфраструктура.

С.Т.

Зачлени се на нашиот е-билтен